Џовинко во јуни ќе се збогува со старата дама

Агентот на резервниот напаѓач на актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, Себастијан Џовинко, потврди дека неговиот клиент сигурно ќе си замине од Торино на крајот од актуелната сезона.

„Џовинко сигурно ќе си замине од Торино на крајот од актуелната сезона. Истото можеше да го направи и за време на зимскиот преоден рок, но мојот клиент ги одби сите понуди кои пристигаа на неговата адреса. Сите сме свесни дека ќе добиеше далеку поголема минутажа ако прифатеше една од тие понуди, но Себастијан секогаш го има последниот збор, а јас ја исполнувам секоја негова желба. Не знам дали со останувањето во редовите на Јувентус, мојот клиент ќе го загуби своето место во репрезентативниот дрес и нема да биде дел од престојниот Мундијал во Бразил”, изјави агентот на 27-годишниот напаѓач.

Џовинко важи за последен избор кога е во прашање нападот, а пред него шанса сигурно ќе добијат Карлос Тевез, Фернандо Љоренте, Даниел Пабло Освалдо, Мирко Вучиниќ и Фабио Кваљарела.