ДЗР Извештај: Низок степен на реализација на владините мерки за намалување на ефектите од пандемијата во туризмот

Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска го објави конечниот ревизорски извештај: „Ефикасност на преземените мерки и политики за намалување на ефектите од пандемијата во секторот туризам“. Констатира дека мерките имале делумно влијание за ефикасно справување со последиците од пандемијата, дека има низок степен на реализација на владините мерки во секторот туризам, како и дека недостапноста на навремени, консолидирани и јасни податоци за доделената финансиска поддршка оневозможува да се изготвуваат навремени и ефикасни анализи за ефектот на владините мерките во секторот туризам.

-Со ревизијата на успешност го опфативме периодот од 2018 до 2021 година, како и одредени прашања до денот на известување од извршената ревизија. Целта на извршената ревизија e да се даде одговор на прашањето „Дали преземените мерки и политики од страна на Владата и надлежните институции се во функција на развој на туризмот и намалување на ефектите од кризата од пандемијата во секторот туризам?”. Со ревизијата е утврдено дека има потреба од измени на законската регулатива поради потешкотии во имплементацијата на законските решенија, што води кон отежната реализација на програмите за развој на туризмот, велат од ДЗР и додаваат дека нискиот степен на реализација на мерките од областа туризам не одговара на поставените цели за справување со кризата од пандемијата.

-Ревизорите утврдија низок степен на реализација на мерките во секторот туризам кој не одговара на поставените цели за справување со кризата од пандемијата, се порачува во извештајот.

Реализацијата на мерката „ваучери за домашен туризам“, како што се истакнува, е 55 отсто од планираните 704.106.000 денари, мерката „грант за туристички водичи“ е реализирана со 52 отсто од планираните 9.800.000 денари, мерката „грант за туристички агенции“ е реализира со 68 отсто од планираните 116.850.000 денари, повратот за туристичка такса за 2019 година е 48 отсто од планираните 120.000.000 денари, целосно е нереализиран проектот „хотели надвор од туристичките центри“ во вредност од 64.600.000 денари, а мерката „финансиска помош за туристички агенции“ е реализира со 61 отсто од планираните 86.100.000 денари.

-Со престанок на работата на Координативното тело за туризам не постои целосна координација меѓу институциите и носителите на секторот туризам, а поединечното делување доведува до намалување на влијанието на секторот при креирањето на интервентни политики за справување со кризата од Ковид-19, видот на мерките, нивното навремено носење и брза реализација. Во однос на креирањето на економските мерки за справување со пандемијата утврдено е отсуство на документација за извршена претходна анализа и проценка при креирањето на мерките на која се базира планираниот опфат и потребните средства за секоја економска мерка, условите и критериумите за нивно доделување. Ваквата состојба го отежнува следењето на успешноста од спроведување на мерките, како и отсуство на идни насоки за постапување, се констатира во извештајот од ДЗР.

Се посочува дека Владата нема воспоставено систем за следење на секоја мерка одделно и не е развиена и објавена централна база на податоци во која на дневно или месечно ниво би се објавиле информации за степенот на реализација на секоја поединечна мерка со податоци за планираните средства, бројот на деловни субјекти и граѓани за кои е наменета мерката, изворот на средствата, степенот на нивната искористеност и неискористеност, причините за нереализираност на мерката.