ДЗС очекува зголемување на бројот вработени во деловните субјекти

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во април 2017 година изнесувало 64,6 отсто, соопшти во понеделникот Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според раководителите на деловните субјекти, економската состојба е понеповолна во однос на претходниот месец, а поповолна во однос на април 2016 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми.

Обезбеденоста на производството со порачки во однос на март 2017 е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеца се понеповолни, а залихите на готовите производи сe зголемени.

Индикаторот, пак, на доверба во преработувачката индустрија во април 2017 година е за 0,1 процентен поен понизок во однос на претходниот месец, а во однос на април 2016 е зголемен за 2,6 процентни поени.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат недоволната странска побарувачка со 23,8 отсто, недоволната домашна побарувачка со 18,3 отсто, недостигот од квалификувана работна сила со 16,4 отсто и неизвесното економско опкружување со 12,4 отсто.