Државниот завод за статистика (ДЗС) почнува со автоматизирано прибирање податоци од деловните субјекти и инстутициите.
Како што најави денеска директорката Благица Новковска, наместо класично, преку пошта како досега, прашалниците ќе се доставуваат електронски, ќе бидат многу помали, поедноставни и попрегледни.
Интернет комуникацијата се очекува значително да го намали губењето време при доставувањето на податоците, но и да ги редуцира трошоците.
„Ваквиот систем пред се ќе ја намали оптовареноста, реална и субјективна, на компаниите при доставувањето на податоците,“ истакна Новковска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.
Таа го нагласи значењето од доставување навремени, точни и релевантни податоци што е исклучително битно за прецизно дефинирање на состојбите.
Првите четири електронски истражувања меѓу кои за слободни работни места и плати, стартуваат во септември. Прашалниците ќе се креираат автоматски, дел по дел, во текот на пополнувањето. Не ќе може да се премине на следно прашање, доколку претходното не се одговори квалитетно. Со вградените контролни системи, грешките ќе бидат сведени на минимум.
Директорката на ДЗС Новковска информира дека мал е бројот на компании што навреме или воопшто не доставуваат барани податоци иако се законски обврзани. Казните за ваквото однесување достигнуваат неколку илјади евра или одреден процент од вкупниот приход на бизнисите.
извор: МИА