ДЗС: Системот за попишување не дозволува 13 нули во замена за матичен број

Не е возможно во апликацијата за попис на дијаспората да се внесат 13 нули во замена на матичниот број, велат од Државниот завод за статистика (ДЗС), откако програмерите од земјава деновиве предупредија на низа слабости во системот за попишување.

„Сакаме да ве информираме дека динамиката на попишување се одвива успешно. Бројките покажуваат дека досега се попишани над 22.000 лица од дијаспората. Овој период во јавноста се лиферуваа низа шпекулации и дезинформации поврзани со најважната статистичка операција. Уште еднаш алармираме да не се пласираат лажни информации дека во апликацијата можеле да се внесат 13 нули во полето за матичен број. Ова не е возможно, ниту, пак, видовме каков било доказ за вакво нешто. Сакаме јавноста да знае дека апликацијата не прави никакви прилагодувања или обработка на податоците внесени од страна на попишувачите. Внесувањето на податоците и матичниот број е одговорност на секој поединец кој пред Законот е обврзан да внесува точни и проверени податоци“, се вели во соопштението.

Внесените податоци од друга IP адреса преку VPN врска на апликацијата за самопопишување, додаваат оттаму, не претставува дополнителен ризик за апликацијата, туку одговорност за самиот попишувач.

„Ја потсетуваме јавноста дека Скеил Фокус ДООЕЛ Скопје, компанијата што ја изработи апликацијата за самопопишување согласно Законот за попис, ја направи по светски стандарди и не може да биде одговорна за погрешно пополнети податоци од самопопишувањето. Ова, потенцираме уште еднаш, е одговорност на самите граѓани кои ги внесуваат нивните податоци, а тоа и е утврдено со Законот. Да бидеме одговорни и заеднички да придонесеме за успешен попис“, се вели во соопштението.