ДЗС: Во октомври издадени се 325 одобренија за градба, од кои 76 во скопскиот регион

Во октомври годинава се издадени 325 одобренија за градење, што е за 12,9 проценти помалку во однос на октомври лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

Предвидената вредност на објектите изнесува 7.539.575.000 денари и е за 47, 7 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година. Како што појаснува ДЗС, намалената вредност се должи на издаденото одобрение за градење на пругата Бељаковце – Крива Паланка во октомври претходната година.

Најмногу одобренија во октомври годинава се издадени во Скопскиот, 76, Полошкиот, 75, по што следуваат Вардарскиот, 37, Југоисточниот, 34, Пелагонискиот 30, … Најмалку дозволи за градба и во октомври има во Североисточниот, каде биле издадени 13.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 187 (57.5 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 80 (24,6 проценти) за објекти од нискоградба и 58 (17,8 проценти) за објекти за реконструкција.