
Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) извршил вонредна инспекција во тетовската Клиничка болница, а фокусот на инспекторите бил на тоа дали на одделенијата на кои се згрижени ковид-болни, влегуваат и слободно се движат членови на нивните семејства, објави телевизијата 21.
За време на вчерашната инспекциска акција, некои одделенија биле затворени и никој не смеел ниту да влезе во објектите, ниту да излезе од нив, сведочат пациенти и нивни роднини.
„Вчера, ДЗСИ изврши вонредна контрола во Клиничката болница во Тетово. Подетални информации ќе соопштиме по нејзиното завршување,“ велат од Инспекторатот.
Контролата доаѓа по катастрофалниот пожар во модуларниот ковид-центар во тетовската болница на 8-ми септември, во кој животите ги загубија 14 луѓе, а уште 12 тешко настрадаа.