Дали судијката која го „држела во фиока“ цела година предметот за „Телеком“ и штипската човек-фирма „Фокуснет“, ќе биде разрешена поради незаконско постапување, останува да видиме в четврток, за кога е закажана седница на Судскиот совет на РСМ. До објавата на текстот, oд Судскиот совет не дебiвиме одговор на нашите прашања дали разрешувањето ќе биде дел од дневниот ред на седницата.
На интернет страницата објавен е дневниот ред, каде што ќе се расправа и за утврдување на одговорност за судија, во неколку точки.
Станува збор за предметот во кој Апелација преиначувајќи ја првостепената одлука, пресуди „Телеком“ да му плати 4 милиони евра оштета на „Фокуснет“.
До Републичкиот судски совет за истиот предмет има и друга претставка за судијката известител, која е поднесена пред повеќе од еден месец.
Судскиот совет на претходна седница усвои извештај, во кој што се утврдени повеќе пропусти во постапката. Меѓу другото, нотирано е дека предметот бил рефериран без списите од Основниот суд да бидат доставени на увид на останатите членови. Исто така, претседателот на Советот потпишал записник и пресуда без да ги види списите за предметот, како и дека пресудата со која се преиначува првостепената одлука била донесена без одржување на јавна расправа, што е спротивно на Законот за парнична постапка.
Во надлежност на Судскиот совет е да утврдува престанок на судиската функција, како и да разреши судија од нејзино вршење поради потешка дисциплинска повреда или поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.
Поради бројните грешки во постапката, Судскиот совет го предаде предметот на Основното јавно обвинителство, кое претходно оформи предмет и започна предистражна постапка.
Имајќи предвид дека станува збор за сериозни законски прекршувања од страна на судии, се очекува Републичкиот совет во брз временски рок да преземе мерки и да ги разреши судиите, кои и покрај јавно утврдените незаконски делувања сѐ уште постапуваат по други предмети.
Нетпрес објави дека Обвинителството веќе има оформено предмет за овој случај и истиот е распореден кај надлежен јавен обвинител. Пресудата за овој случај од страна на Апелациониот суд е преиначена од првостепената, во корист на фирмата. Министерот за транспорт Александар Николовски пред извесно време побара од Обвинителството да го испита случајот. Министерството за случајот било известено по службена должност, а Николовски вели дека известувањето кое го добил покажало во каква лоша состојбата е македонското судство.
Тој очекува Обвинителството да постапи по овој предмет и да се расчисти овој случај, да се види кој судија од Апелација донел таква одлука и зошто е донесена ваква одлука. За него е сомнително што Апелација во ист ден имала две различни изјави за случајот. Свој удел во Телеком има и државата (35%), па оваа одлука ќе влијае и на исплаќање на дивиденда на државата следната година.
Соработката помеѓу штипската фирма „Фокуснет“ и Македонски Телеком датира од 2001 и 2002 година кога бил склучен договор за изнајмување на интернет капацитети, договор кој бил раскинат од страна на Телеком поради неисплатени долгови.
По долгогодишен судски спор од 2008 година, Скопскиот граѓански суд пред две години ја одбил тужбата на штипската фирма против Телеком откако утврдиле дека се работи за фирма без имот, без основни средства, без приходи, со еден вработен и со блокирани средства.
Сепак ваквата пресуда минатиот месец Апелација ја преиначува во корист на штипската фирма која наместо првично побараните 2 милиони евра, сега треба од Телеком да добие двојно поголема отштета од 4 милиони евра. Блокираната сметка на штипската фирма е повторно активирана, само еден месец пред донесување на пресудата, што според нив укажува дека имале информации за исходот од судската постапка. Пресудата е донесена без одржување на јавна седница и во период во кој повеќе пати биле менувани членовите на Судечкиот совет, но не и главната судијка известител.