Гласноговорникот на презрената и обесправена Америка кој стана жесток поддржувач на Трампизмот, Џејмс Дејвид (ЏејДи)Венс ќе стане американски потпретседател по изборната победа на Доналд Трамп, што ќе биде врв на неговата нетипична животна приказна и молскавично брз политички подем, пишува France Presse.
„Мислам дека сме сведоци на најголемото политичко враќање во историјата на Соединетите држави“, рече поранешниот војник и успешен автор во средата откако Трамп го освои вториот претседателски мандат.
Со своите 40 години, 38 години помлад од Трамп, сенаторот од сојузната држава Охајо дојде на „едно отчукување на срцето“ од претседателската функција.
Прифаќајќи ја потпретседателската номинација на Републиканската партија во јули, тој ги повика Американците да „одберат нов пат“ со Трамп. На републиканската конвенција, која тој ја опиша како „прослава на она што беше Америка и што, по Божја милост, наскоро повторно ќе биде“, ЏејДи Венс вети дека ќе ги заштити луѓето и ќе се бори за „американските граѓани, нивните работни места и нивните плати“.
„Добра меморија“
Пред да се приклучи на кампањата на Трамп, еклектичниот конзервативец се залагаше за прашања во Конгресот на коишто инсистираше неговиот сегашен „работодавец“, како што се антиимиграцијата и протекционизмот.
„Имам добра меморија. Ако политички се борите против Трамп и кандидатите што тој ги поддржува денес, не доаѓајте кај мене за една година да барате помош за усвојување на вашиот закон или проекти на кои инсистирате“, предупреди овој сенатор со тркалезно лице, беспрекорна коса и добро негувана брада на почетокот од годинава.
На ова тогаш реагираа неговите противници, непропуштајќи да ја нагласат иронијата на ситуацијата: пред да почне жестоко да го брани Доналд Трамп, ЏејДи Венс не го штедеше во критиките.
Откако еднаш изјави дека е „човек кој никогаш нема да биде за Трамп“, тој исто така го опиша магнатот како „идиот“ и дури изрази загриженост дека тој може да биде „американскиот Хитлер“.
„Горштачка елегија“
Пред да започна да се занимава со политиката, ЏејДи Венс, во најмала рака, имаше нетипичен животен пат.
Израснал во сиромаштија во таканаречениот „Појас на ‘рѓата“, североисточен американски регион силно погоден од деиндустријализацијата, а потоа ѝ се приклучил на армијата. Неговите родители се развеле кога тој бил млад, а го воспитувале главно бабата и дедото по мајка. Студирал право на Јеил, еден од најпрестижните универзитети во земјата, а потоа изградил кариера во Силиконската долина.
ЏејДи Венск стана познат благодарение на „Hillbilly Elegy“ (Елегијата на горштакот), книга објавена во 2016 година. Во таа автобиографија, која стана бестселер и стана филм, ЏејДи Венс го прикажа своето хаотично детство во бела Америка опфатена со сиромаштија и зависност и ѝ даде гласност на разочараната, обесправена и гневан работничка класа.
Во книгата која ги истражува социоекономските проблеми со коишто се соочува неговиот роден град и кругот на сиромаштија кој ги зароби Американците во Алапачките гори, од кад потекнуваат неговата мајка и нејзиното семејство. Книгата го критикува она што Ванс го гледа како автодеструктивна култура во рурална Америка и се обидува да ја објасни популарноста на Трамп меѓу осиромашените бели Американци.
Дури подоцна им се придружил на Трампистите. Неговата книга го привлече вниманието на постариот син на поранешниот претседател, Доналд Трамп Џуниор, со кого стана добар пријател.
Го ископира борбениот стил на Трамп и ја доби неговата поддршка за неговата кампања во Сенатот во 2022 година. Како човек кој ја истакна својата христијанска вера како приватен и политички компас, тој се трансформираше во жесток бранител на републиканскиот магнат кој се соочува со кривични и граѓански постапки.
„Администрацијата на Бајден сака Трамп да умре во затвор и сака да го уништи неговото семејство. Тоа е најголемиот досега виден напад врз демократијата “, рече ЏејДи Венс во март.
Новата десница
Со сопругата Уша Чилукури Венс, адвокат со индиско потекло, ЏејДи Венс има три деца.
Целосно се согласува со својот шеф кога станува збор за миграцијата и економијата, а повеќе е десничар за други прашања, како што е абортусот.
ЏејДи Венс дури стана лидер на движењето „Нова десница“, млади конзервативци кои се обидуваат да го радикализираат изолационистичкото и антиимиграциското движење на Трамп, забележа Politico во март.
Тоа движење „верува дека Трамп е само првата фаза од поголемата популистичко-националистичка револуција која веќе ја менува американската десница“, според Politico. „А доколку ги постигнат своите цели, наскоро ќе ја трансформираат цела Америка“, оцени Politico.