Ќе им се одземаат лиценците за работа на две друштва за игри за среќа – не платиле ниту една давачка

Министерството за финансии бара да им се одземат дозволите за работа на 2 друштва за организирање игри на среќа, информира денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

– Двете друштва не платиле ниту една од давачките по основ на повеќе закони во период од неколку години со што најверојатно ја оштетиле државата. Едно од друштвата е формирано во 2022 година и од тогаш не платило ништо иако има обврски кои произлегуваат од Законот за игри на среќа од законите за одредени даноци, како и придонеси за вработените – рече Димитриеска Кочоска.

„Министерството за финансии ја иницираше постапката откако од УЈП како надзорен орган на приредувањето на игри на среќа го доби записникот од извршената надворешна контрола над работењето на овие друштва“, рече Кочоска.

Нагласи дека првичното барање од Министерството за финансии за добивање на записникот до УЈП е доставено уште во јули 2023 година по што се направени неколку ургенции, а конечно е постапено од страна на Управата дури во јуни 2024 година, откако доаѓа новото раководство.

Во одговор на новинарско прашање рече дека не може да се направи точна проценка за штетата врз Буџетот, но додаде дека станува збор за голем износ. Дополнително ќе треба да се утврди дали двете друштва се поврзани со поранешни функционери. Едното, како што кажа, не е од Скопје.