По повод неодамнешните случувања и скандалот со труење со храна во Армијата, сакам јавно да побарам одговори од надлежните институции и Министерството за одбрана. За сето ова има многу прашалници. Јас ќе се обидам, да ги поставам и да се дадат одговори.
Прво
Кој си игра со здравјето и безбедноста на припадниците на нашата Армија и зошто не смее да се спомене името на оваа копманија од чии кујни се произведуваат небезбедни оброци?
Второ
Барам, почитувани надлежни институции, а тоа е и Ваша надлежност да се испита како компанијата Далма Фоод и Кетеринг– Скопје, го добила најголемиот тендер за подготовка и испорака на храна за припадниците на Армијата во вредност од над 6 милиони евра за една година?
Трето
Дали, поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, вршела притисоци, по секоја цена оваа компанија да го земе тендерот во Армијата и дали кланот Заеви и Шеќеринска преку свои посредници се вмешани во овој скандал?
Дали сопственикот на оваа компанија, Дејан Атанасовски дава проценти и враќа долгови кон тие што досега го штитеа?
Зошто институциите молчат, а Министерството за одбрана, не се одважува да излезе со соопштение во јавноста за серијата на труења кои се случуваат во Армијата во повеќе наврати на ниво на цела држава?
Имено, според моите сознанија, откако оваа сомнителна компанија почна да носи храна во армијата, само за 6 месеци се случиле серија на труење со храна. Па, кои се тие моќници што вршат притисоци, записниците од контролите во фамозните кујни на Далма Фоод и Кетеринг да останат скриени во некоја фиока?
Четврто
Дополнително прашувам: Зошто пред само еден месец, кога повторно од храната подготвена од истата компанија се случило труење во касарната Илинден (потврдено со најдена бактерија во мострата од храната) се вршеле огромни притисоци резултатите од овој инцидент да се сокријат?
Петто
Дали Воено-медицински Центар на Армијата има право на глас за скандалозниот добавувач и дали прави редовни контроли во објектите на добавувачот од каде секој ден се испорачува сомнителна храна, произведена во нессодветни и нехигиенски услови под секое ниво, за 4.200 припадници на нашата Армија?
Ги повикувам!
Ги повикувам надлежните институции, пред се Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје да излезат со соопштение во јавноста околу овие инциденти. Уште повеќе ме зачудува инертноста и незаинтересираноста на институциите, затоа што оваа компанија, секојдневно ги храни и нашата најмлада популација, илјадници ученици во основните училишта во општина Аеродром и Ѓорче Петров? Дали родителите се запознаени во какви услови се подготвуваат оброците за нивните деца и колку тие се безбедни?
Тендерски постапки
Дали треба да се испитаат и сомнителните тендерски постапки во ЈЗУ Универзитетска клиника по хирушки болести Свети Наум Охридски Скопје, каде упорно е форсирана оваа компанија веќе трета година по ред и е единствен понудувач. Дали пациентите кои таму се лекуваат заслужуваат да ја знаат вистината каде и во кои услови се подготвуват нивните оброци?
Што превзема Министерството за одбрана?
Зошто Министерството за одбрана, сеуште го толерира Далма Фоод и Кетеринг? Зошто не постапува согласно Закон за јавни набавки, и не активира негативна референца и да ја спречи оваа сомнителна компанија слободно да конкурира и на други тендери, во болници и основни училишта на територијата на општина Ѓорче Петров и Аеродром?
Што стои во договорот?
Дополнително во самиот договор, кој е јавно достапен, стои клаузула, дека доколку дојде до несакано труење или повреди со храна на некој од вработените, се предвидува обештетување во висина со годишен агрегат од 350.000 евра. Според овој договор, секoј корисник на овие услуги има право да побара обештетување од операторот во свое име.
За напред наведеното, секојдневно до мене стигаат информации од незадоволни родители чии деца се хранат во школите, уште повеќе и крајно незадоволни припадници на Армијата, кои во се’ погоем број одбиваат да се хранат од оброците подготвени од оваа компанија.
Драги читатели, сите овие прашања кои ги поставувам денес, можат многу лесно да се проверат и затоа ги повикувам засегнатите страни и надлежните институции, конечно да се одважат и јавно да ме демантираат. Во спротивно ќе ги сметам за соучесници.
Нашата армија, децата во училиштата и пациентите во болниците заслужуваат безбедна и квалитетна храна. Тука нeма и не смее да има компромис!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес