На прашањето дали има договор за промена на Уставот, новиот спикер на Собранието Африм Гаши одговори дека тоа е сензитивно прашање, особено за Македонците.
Како што рече во интервјуто за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Македонците биле понегативно настроени кон т.н француски предлог, а ВМРО-ДПМНЕ добила голем број гласови на изборите токму поради резервираноста по ова прашање.
– Сепак, сега сме во друга фаза – сакаме сите да одиме напред. Најголем број граѓани и политички партии, освен една, сите сме за интеграција на земјата во ЕУ, и тоа побргу, барем така се изјаснуваат декларативно. Треба да разговараме за тоа што ВМРО го стави во програмата. Ќе има и нови моменти по изборите во Бугарија и изборите во Европскиот парламент. Треба во мозаикот да се имаат сите елементи зашто цело е кога има сè, за да може ова горливо прашање да го решиме – истакна Гаши.
Спикерот нагласи дека стои на ставот прашањето да биде решено што побргу, но нагласи „не на сметка на рушење и на незачувување на култутрниот и јазичниот идентитет на Македонците“.
– Не можеме да ги ризикуваме меѓуетничките односи за друг проблем, така ништо не сме направиле. Треба да работиме на поголема кохезија на сите заедници, особено на првите две по големина – македонската и албанската. Ако имаме разбирање за нашиот културен и јазичен идентитет, само по себе ќе даде енергија во процесот на побрза интеграција на земјата во Европската Унија – рече Гаши.
На прашањето зошто заклетвата во вторникот во Собранието ја дал прво на албански, а потоа на македонски јазик, одговори дека било техничка работа и „не би сакал да се вовлече во дневна политика со такви мали работи“, а употребата на албанскиот јазик во Собранието, рече, е регулирана во 2008-2009.
– Тој ден беше празник за демократијата во Северна Македонија, се конституираше Собранието. Тоа е дневна политика и партиите го користат за некој евтин пи-ар. Јас не би сакал на тоа ниво да се симнам и да коментирам такви коментари. Немам никаков проблем со македонскиот јазик, го учам и зборувам истовремено со албанскиот од моите први години. Немам анимозитет кон македонскиот. Конститутивната седница беше подготвена од службите во Собранието, кои се професионалци и тоа беше технички, можеше прво да биде на македонски, битно е дека се прочита на македонски – додаде Гаши.
На прашањето дали сè уште се залага за „заедница на албански општини во Македонија“, одговори дека тоа било став на генералниот секретар на неговата партија Алтернатива и дека идејата била соработка во сегменти што ги засегаат жителите на тие општини, а темата тогаш, рече, се политизирала и ѝ се дало националистички предзнак.
– Нема таква конотација со националистички предзнак за федерализација како што сакаше да се прикаже. Никогаш не сме се изјаснувале за федерализација, затоа што тој модел не е компатибилен за оваа држава и затоа политички не сум ја застапувал таа тема – рече новиот претседател на Собранието.
Ќе бидам тој ќе ја коригира власта, надзорот над работата на Владата е најбитна функција на Собранието. Ќе ги викаме министрите често за да ги прашаме за решенија за проблемите. Имам идеја, волја, имам многу политичка определба тоа да го направиме, изјави Гаши.
– Ќе го водам Собранието како прв меѓу еднаквите, ќе настојувам да бидам отворен со сите, особено да бидам глас на политичкото малцинство и на опозициските партии за да почувствуваат дека Собранието е исто за сите. Раката е широко отворена за соработка, но за тоа требаат двајца – рече Гаши.
На прашањето што ќе биде со незавршените 46 седници од претходниот собраниски состав и 130 акти кои се во процедура, одговори дека ќе разгледаат кои се предлагачите на тие закони, дали ќе останат тие што се предложени од Владата или новата Влада нив ќе ги повлече или ќе се понудат нови решенија.
– Ќе разговараме со нив и во координација со сите политички партии што ќе правиме со тие акти – рече Гаши и додаде дека нема да продолжи со праксата тој да одлучува автократски според тоа дали нешто му се допаѓа или не.
Секогаш има можност за блокада, но јас не размислувам деструктивно, туку проактивно и конструктивно, додаде тој.
– Ќе настојуваме да има таква енергија и таков пристап. Сакам да ја вратиме довербата на Собранието кај граѓаните и тоа да биде најпочитувана институција во државата. Верувам ќе постигнеме големи успеси и тоа ќе го видиме по четири години. Ќе го отвориме Собранието – тоа ќе биде агора на дебати, тоа е мојот сон. Дали во тоа ќе успееме зависи и од сите, а ние ќе дадеме се од себе – истакна претседателот на Собранието.
Гаши соопшти дека в понеделник ќе има прва официјална координативна средба со парламентарните партии за да разговара кога би се одржала првата собраниска седница, со кој дневен ред и закони кои се приоритетни. Пред формирањето на Владата, очекува Собранието да го донесе новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада и да бидат избрани нејзините членови.
– Мислам дека има слух од сите политички партии и ќе се донесе, претходно пратениците ќе имаат време да го видат и да дебатираат. За овој закон, како и за сите други закони сакам да имаме консензуален пристап – рече Гаши во интервјуто.
Следни за дебата во Собранието би биле измени на Законот за локална самоуправа за да се најде преодно решение, да не се распишуваат избори само за неколку месеци мандат односно до одржувањето на локални избори во целата држава наредната година, во оние општини каде градоначалниците ќе станат министри.
– Треба да се најдат законски измени за да не ги тераме гласачите на секои шест или осум месеци да излегуваат на гласање – додаде Гаши.