Ќе има зголемување на цените на лекови што не одат на рецепт

Нема зголемување на цени на лекови од позитивната листа, подвлекуваат од Министерството за здравство за МИА, одговарајќи на прашањето дали поскапуваат лековите што не се на товар на Фондот за здравство.

-Станува збор за ОТЦ лекови, односно лекови што се издаваат или продаваат без лекарски рецепт, во аптеките или во продавниците за промет на мало. Цените на овие лекови на пазарот, се формираат слободно и не подлежат на регулирање, согласно позитивните прописи од областа на лековите. Во оваа категорија спаѓаат производи како што се комбинација на витамини, минерали, препарати за третман на симптоми на болка, запушен нос и слично. Значи не станува збор за зголемување на цени на лекови од позитивната листа, нагласуваат од Министерството за здравство во писмениот одговор до МИА.