Џејмс за дуелот со Србија: Една од најголемите победи во мојата кариера

Ова беше голем, голем натпревар и победа која долго ќе ја паметам, изјави американскиот кошаркар Леброн Џејмс откако во полуфиналето на Олимписките игри САД со пресврт на две минути пред крајот славеа против Србија со 95:91.

САД речиси цел натпревар беа во разултатско заостанување зад Србија, но на крајот успеаја да го свртат резултатот и со тоа да обезбедат саботно финале против домаќинот Франција, која во второто полуфинале беше подобра од Германија.

„Не сум сигурен уште колку остана во мојата кариера и уште колку големи натпревари ќе одиграм. Ова секако беше еден од нив, тука се бориме за нешто големо. Поминав низ многу нешта во мојата кариера, победив многу и навистина одиграв безброј големи натпревари. Оваа победа ќе ми остане во сеќавањето како една од најдрагите“, изјави 39-годишниот Џејмс, кој натпреварот го заврши со 16 поени, 12 скока и 10 асистенции.

„Кари одигра неверојатен натпревар, но тоа е негово ниво. Ембиид беше вистинскиот кога тоа ни беше потребно. Имаше голема борба против Јокиќ, тие се двајцата најдобрите големи играчи во светот. Сепак, морам да ѝ оддадам признание на Србија која беше одлична од почеток до крајот. Одлична игра и од нивна страна. Беше возбудливо, напнато и квалитетно“, додаде Леброн, кој во кариерата освои четири НБА прстени.

Додека Американците уживат во пресвртот и пласманот во финалето, на другата страна владееше гнев, а дел од кошаркарите на Србија беа лути и револтирани од судењето и одредени одлуки во ова полуфинале.