![kleksan](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/kleksan.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Фондот за здравствено осигурување планира да направи измени во правилниците во однос на позитивната листа, со кои меѓудругите, антикоагулансот клексан ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, наместо да се прави рефундација.
Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски денеска истакна дека побарале да се направат две измени во правилникот за позитивна листа со кои прво ќе може да се врши преместување од една во друга позитивна листа, има болничка и аптекарска, Фондот да може да покрене иницијатива, како и Фондот добие право за преговарање на цените на лековите кои се на позитивна листа.
-Позитивната листа е форма на субвенции за одреден лек и сметаме дека кога веќе државата обезбедува судбевнции за продажбата на одреден лек кој е на позитивната листа, Фондот треба да има право да преговара со производителот или дистрибутерот за неговата цена, а не автоматски да биде големопродажната цена. Констатиравме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ја користеле максималната цена, вели Клековски.
Директорот посочува дека на листата треба да бидат вклучени лекови кои ќе бидат понудени по пониска цена и затоа даваат субвенција. Според него нема логика да даваат субвенција ако нема преговори за цената.
-Во прв план ни е префрлување на антикоагуланси, бидејќи тие се веќе на болничката листа, на пример Клексан. Да не се рефундира Клексанот, туку да може да се подигне на рецепт. Се надевам дека час поскоро, штом Комисијата почне да функционира и се направат овие измени на правилниците, дека ќе го имаме првото зголемување со антикоагуланси. За ксарелто кое е антикоагуланс во таблетарна форма, покрај нашата волја, производителите немаат волја да го вклучат тој лек на позитивна листа. Тоа е двостран процес. Се обидуваме да разговараме со еден од производители, да биде вклучен тој лек по пониски цени од сега бидејќи кај повозрасната популација со кардиолошки проблеми е релативно често употребуван, истакна Клековски.