Ќе почне ли конечно пласманот на унгарските пари наменети за македонскиот бизнис ?

Најверојатно до крајот на овој месец банките ќе ги добијат договорите за да може конечно да започне пласманот на унгарските пари кај фирмите. Измените во Законот за јавен долг по скратена постапка поминаа во Собранието, што е некако сигнал дека работите полека финишираат.

Според информациите од банкарскиот сектор, сега се чека на следната владина седница да поминат и двата потребни договора – едниот за трансферот на парите кај Развојната банка, другиот со условите под кои банките ќе треба да ги пласираат средствата во стопанството.

Откако сето ова ќе се заврши, банкарите ќе ги добијат договорите и ќе можат да го почнат процесот, а компаниите да ги поднесуваат своите проекти. Надежите се дека тоа ќе се случи до крајот на јануари годинава.

Досега средствата требаше да бидат легнати на сметките на кредитобарателите. Последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски беше дека пласманот ќе почне по завршувањето на новогодишните празници.

Процесот со унгарските пари за фирмите се одолговлечи со преговорите кои ги водеа банките и Владата. Работата запна кај каматите. На крајот падна договор, средствата да се пласираат кај стопанството со камата од 1, 95 отсто. Односно со ова банките ќе го покријат својот кредитен ризик, а каматата од 3,25 проценти кон Унгарија. ќе се враќа од Буџетот.

Ова практично значи дека и граѓаните ќе учествуваат во покривањето на трошоците за кредитот наменет за домашниот бизнис.

Познато е и дека највисоката сума за која можат да аплицираат фирмите е 10 милиони евра, но треба да имаат 20 отсто учество. Првичните најави беа дека кредитната линија ќе биде наменета за финансирање на дејноста – производство, односно за инвестиции во опрема, машини, погони, фабрики. Но, премиерот Мицкоски неодамна изјави дека парите ќе можат да се користат и за изградба на трговски центри.