Ќе репреговараме лихварски кредит на Пошта во една банка, вели Николоски кој вети плати за работниците во Пошта и Железници

Проблемот со платите на вработените во Пошта и во  Железници – Инфраструтура и Железници – транспорт ќе биде надминат, за што веќе се работи на план за реструктуирање на постојните долгови и на постигнување нивна профитабилност, вели вицепремиерот за економски прашања и министер за транспорт Александар Николоски.

– Се работи вкупно за 4.400 вработени од кои дел се во Македонска Пошта, а дел се во Македонска Железница – Инфаструктура и Македонска Железница – Транспорт. Значи зборуваме за три претпријатија. Од овие три претпријатија две се АД, тоа се Македонска Пошта и Македонски Железници – транспорт, а за акционерските друштва финансирањето не оди од буџет туку од приходите кои што ги остваруваат и тука работиме на целосен план за реструктуирање на двете друштва кој што треба да им овозможи профитабилност од една страна, а од друга страна тоа што го правиме во моментов е реструктуирање на постојните долгови кои што ги имаат со цел да вработените земаат редовно плата – рече Николоски на новинарско прашање дали со ребалансот на државниот буџет ќе се обезбедат пари за Железници со оглед дека тоа претпријатие е во загуба веќе подолг период.

За Инфраструктура Николовски вели дека има можност да се интервенира од буџетот и тоа ќе се направи со оглед дека станува збор за претпријатие во држава сопственост.

-Во однос на Македонски железници – инфраструктура што е јавно претпријатие во државна сопственост, тука веќе можеме и ќе помогнеме од буџетот со цел да се стабилизира, да имаме една стабилна ситуација до крајот на годината и веќе од следната година да зборуваме за развој. Затоа што нема поента да го стабилизираме и нема поента, сега луѓето земаат плата, а да нема продуктивност. Значи мора да најдеме баланс каде што луѓето дома ќе носат плата и мора да е така, затоа што на крајот на денот сите имаат семејства и треба да живеат, но од друга страна мора да има и продуктивност како тоа би се оправдало. Јас сум убеден, ова е најтешката битка со која се соочувам затоа што проблемите само биле туркани под тепих – појаснува Николоски.

Тој укажа и на задолженоста на Македонска Пошта и на МЖ – транспорт, која според него е недозволива и треба да се истражи од надлежните органи – МВР и Обвинителството.

-Ќе кажам дека Македонска Пошта во моментов има отворен кредит кон една банка, не ја кажувам затоа што има таков договор потпишано, кој што кредит, според мене, е лихварски и тоа моите претходници само го оставале. Јас седнувам со раководството на Пошта да го репреговараме  затоа што не може да е така и недозволиво е да е така затоа што на тој начин се уништува претпријатието. Исто така, МЖ – транспорт има позајмици од МЕПСО, кои што според мене, се недозволиви како се направени и тоа исто така го оптеретува претпријатието. Зошто е тоа правено во минатото ќе си открие Обвинителството. Јас повикав врз основа на ревизорските извештаи кои што ги достави ДЗР до мене, да си влезе Полицијата и Обвинителството и ова да го истражат, но моја цел е во следниот период вработените таму да имаат стабилна плата, секој  месец, а додека тоа се случува паралено да работиме на развој за веќе следната година да ги немаме овие главоболки и да не треба да зборуваме дали ќе земат плата или нема да земат плата – рече Николоски.

Министерот даде изјава пред обраќањето на трибината: „Развој како услов за опстанок на македонското градежништво”, во организација на Градежниот факултет.