АД ЕСМ потпиша договор со ЕБРД за поволна кредитна линија за изградба на две фотонапонски електрани, ФЕ Битола-1 од 20 мегавати и ФЕ Осломеј-2 од 10 мегавати. Изградбата на двете електрани ќе чини околу 25 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра ќе бидат грант од Европската комисија, што го намалува кредитот и самите трошоци за изградба за 20 отсто.
Како што информира АД ЕСМ, ова е показател дека европските институции ги вреднуваат заложбите на Владата и на ЕСМ за брза и праведна транзиција кон зелена енергија.
– ФЕ Битола-1 од 20 мегавати ќе значи почеток на енергетската транзиција на РЕК Битола. Електраната ќе биде изградена врз исцрпен рудник за јаглен и ќе биде најголема сончева електрана во државна сопственост. За РЕК Битола се подготвуваат и други проекти за фотонапонски електрани во кругот на комбинатот, од уште 260 мегавати – стои во соопштението.
ФЕ Осломеј-2 од 10 мегавати во Кичево, како што се наведува, ќе биде продолжение на почнатиот процес на енергетска транзиција на РЕК Осломеј, каде се подготвува почеток на изградбатата на уште две фотонапонски електрани, од вкупнo 100 мегавати.
– Нашата крајна цел е овие капацитети кои работат на јаглен целосно да ги замениме со електрани кои работат на сонце, а во РЕК Битола делумно и со гасна електрана – се вели во соопштението.
Во моментот АД ЕСМ е во тек на реализација на 12 проекти во обновливи извори на енергија, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760 мегавати, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420 мегавати.