Во Уставен суд изборот на претседател се претвори во серија со неизвесен крај. Неколкупати гласањето на избор на нов претседател никако да се оконча. Уставните судии никако да изберат претседател. Во игра за претседателската фотеља беа уставните судии Татјана Васиќ Бозаџиева, Ана Павловска Данева и Осман Кадриу, а никој не ги доби потребните гласови, по што судијката Павловска Данева се повлече. Денес гласањето треба да продолжи и сите се надеваат дека изборот ќе биде конечно финализира. Јавноста станува загрижена дека се одолговлекува постапката за иницијативи кои чекаат да бидат разгледани. Штетите паѓаат на грбот на граѓаните и на бизнис секторот. Таков е случајот со поднесените иницијативи за преиспитување на уставноста на членот 368 од Законот за облигациони односи.
За преиспитување на уставноста на овој член од Законот се поднесени три иницијативи. Во поднесената иницијатива од лицето Доне Лазаревски, сопственик на фирма, е образложено дека наведените законски измени негативно влијаат на понатамошното работење на фирмите, со оглед дека стоките уредно се испорачувани, а не можат да се наплатат како резултат на застарувањето на долгот. Претходно беа поднесени две иницијативи, едната од адвокатот Љупчо Кузмановски и втората од Предраг Баришиќ.
Според експертите, членот 368 од Законот за облигациони односи е дискриминирачки и спротивен на Уставот. Отписот на долговите постари од 10 години, што се предвидува во овој член, претставува рушење на правниот поредок и создава услови за финансиска недисциплина. Ваквото законско решение ќе создаде големи проблеми за компаниите, особено за оние што редовно ги плаќале сите свои обврски, а ќе биде во прилог на должниците. Како резултат на оваа правна контрадикторност многу мали и средни компании кои работеле повеќе од три децении се соочуваат со затворање на своите бизниси. И не само компаниите, на удар се и многу граѓани кои ќе бидат оштетени од овој член од Законот за облигациони односи. Оштетена ќе биде и државата која по основ на отпис на долгови ќе изгуби огромни средства, со што дополнително ќе го оштети државниот буџет и ќе предизвика стагнација на развојот.
Со реакција за штетните последици од членот 368 од Законот за облигациони односи јавно истапија и Адвокатската комора на Македонија и Стопанската комора во име на реалниот сектор. Допис со назнака за селективност на законските решенија е испратен до Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупцијата.