Ќе се конфискува имотот од над 30.000 евра чие потекло нема да може да се докаже

Сите кои нема да можат да го докажат потеклото на имот во вредност над 30 илјади евра стекнат претходната година, тој ќе биде конфискуван, предвидува драфт верзијата на Законот за потекло на имот, кој првпат се носи во земјава.

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски денеска во обраќањето на конференцијата за детектирање и намалување на сивата економија обелодени дека драфт верзијата е готова и дека ќе биде испратена во Венецијанската комисија.

Законот нема да се однесува само на функционерите, туку на сите граѓани затоа што искуството покажува дека функционерите го препишуваат незаконски стекнатиот имот на други лица, а по завршувањето на функцијата си го враќаат.

– Овој закон преку граѓанска постапка за конфискација, која ја воведуваме, ќе важи за сите лица кои нема да можат во одреден законски период да го докажат потеклото на имотот. Значи ќе важи за сите лица, не само за функционерите. Постапката ќе биде граѓанска, брза, а не кривична и ќе има соодветен праг кој моментално во драфт верзијата е 30 илјади евра, рече Николовски во обраќањето на конференцијата што ја организираше УНДП и Министерството за финансии.