Во Министерството за правда се одржа средба меѓу граѓаните кои протестираа против работата на извршителите и нотарите. Од Министерството велат дека од претставките на граѓаните е утврдено дека најголем проблем се големите камати кои често неколкукратно го надминуваат основниот износ на долгот.
„Според Законот за облигациони односи, каматата тече до денот на исплата на долгот. Главниот проблем што се јавува во пракса е тоа што често каматата го надминува главниот долг. Втор голем проблем на кој укажаа граѓаните се и големите износи кои банките ги наплатуваат за блокирање и деблокирање на сметките на граѓаните“, соопштија од Министерството.
Од таму велат дека во моментот се вршат анализи и консултации за измена на Законот за облигациски односи со кои би се направиле законски ограничувања на висината на каматата за првичниот износ на долгот.
Сепак, велат од Министерството, должни сме да напоменеме дека се јавуваат проблеми со важење на измените ретроактивно.
„Тоа укажува дека решението на проблемот може да се бара во носење закон за отпис на камати, при што треба да се обезбедат средства за надомест на каматите, кои ги побаруваат приватни доверители, што не е во надлежност на Министерството за правда“, се наведува во соопштението.