Ќе се реставрира родната куќа на Стив Наумов

НУ Завод и Музеј-Битола со средства од Министерството за култура ќе ја реставрира родната куќа на народниот херој Стеван Наумов Стив која се наоѓа на улицата „Пецо Божиновски” бр.11 во Битола.

Куќата во која е роден Стив Наумов за прв пат како постојана музејска поставка беше отворена на 4 јули 1961 година откако објектот е реконструиран и адаптиран за таа намена.

Во 1977 година објектот е повторно реконструиран и адаптиран, а на јавноста и беа презентирани сегменти за ликот животот и делото на Стив Наумов, кој во периодот на Народноослободителната и антифашистичка војна на македонскиот народ како секретар на КПЈ-КПМ за Битола со својата револуционерна дејност уште во тој период прерасна во легендарна личност. Самата поставка е поставена на простор од околу 150 квадратни метри, во приземје и кат. Истата, во 2002 година, по трет пат е обновена со содржина од нови експонати.

Во приземниот дел во најголема мера прикажана е покуќнината и предметите за секојдневна употреба на семејството Наумови. На горниот кат од објектот кој зазема простор од околу 80 квадратни метри во четири посебни целини, презентирани се документи и предмети што го следат животот и делото на херојот од неговото најрано детство, фотографии, документи, предмети тесно поврзани со животот на неговото пошироко семејство, а во втората целина е прикажана неговата револуционерна активност, неговото загинување на 12 септември 1942 година заедно со неговиот соборец и другар народниот херој Мите Богоевски. Историскиот дел завршува со приказ на победата над фашизмот и сé она што за херојот, за неговото име и во негова чест, е напишано и изградено како спомен.

Во третата целина во простор од 18 квадратни метри уредена е гостинска, приемна соба за свечености-визити, со оригинални и откупени предмети од тој период што даваат приказ на средно имотна фамилија од тој период, со еден фонд на урамени фамилијарни фотографии.

Завршница на целокупната поставка е преуредениот затворен ходник во кој се поместени три уметнички ликовни дела од ликовниот уметник и учесник во НОАВМ, Тоде Ивановски.