„Шокот што го предизвика војната во Украина врз цените на примарните производи на светските берзи придонесе за поголема нагорна корекција на стапката на инфлацијата и кај нас. Aко очекувавме раст на цените на нафтата од 4 отсто во октомври, сега очекувањата за оваа година се околу 50 отсто. Кај храната се очекуваше главно стагнација, а сега двоцифрен раст“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Утрински брифинг“.
Таа истакнува дека по глобалниот раст, меѓународните институции очекуваат стабилизирање на цените на енергентите и на храната, односно на увезената инфлација, а најверојатно надолен притисок врз цените ќе предизвика и промената во однесувањето на потрошувачите. Согласно со овие очекувања, се предвидува стабилизирање на инфлацијата на околу 3 отсто следната година.
„Речиси и нема земја во која нема раст на инфлацијата. Десет проценти во просек е инфлацијата во регионот за март, околу 11 отсто во април, а има земји што се значително над просекот. Има заеднички фактори коишто влијаат врз циклусот на инфлацијата во сите земји во светот, особено во Европа. Лани тоа беа ефектите од пандемијата, забавените синџири на снабдување, растот на трошоците за транспорт, несовпаѓањето на понудата и побарувачката. На ова се надоврза растот на цените на енергентите, струјата, а потоа овие проблеми се продлабочија уште повеќе со руско-украинскиот конфликт, што неминовно доведе до подигнување нa ценовното ниво кај сите производи. Ова се глобални заеднички фактори, коишто влијаат врз инфлацијата“, рече Митреска.
Според неа, нашата просечна инфлација во април од 8,4 отсто, половината е резултат на растот на цените на храната. Домашните цени на храната се врзани во голема мера со увозните цени и директно преку готовите производи, но и преку растот на цените на трошоците за суровини, енергенти.
„Општо земено, најголемиот дел од ова што се случува со инфлацијата кај нас се увезени движења. Во централната банка не ги темелиме овие заклучоци само врз следење на движењата. Има навистина ригорозна аналитика, што ги потврдува овие фактори и извори на раст на инфлацијата, констатирајќи дека притисокот од домашната побарувачка засега е мал“, посочи Митреска.