Ќе се зголемат средствата за контрола и во Македонија ќе влегува само безбедна и квалитетна храна

„Во нашиот фитосанитарен систем и безбедност на храна има повеќе институции со кои менаџираме, тоа е Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство, Државната фитосанитарна лабораторија, нормално и Министерството како креатор на политиките“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, вои гостување во „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.

„Од наредна година ќе обезбедиме зголемени средства во делот на мониторинг програмите, што значи и контрола на тоа што влегува во Македонија. Нормално, согласно законските обврски, инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство и инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство работат на тоа што влегува во Македонија“, појасни тој.

Додаде дека граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи во Македонија ќе се увезува само безбедна и квалитетна храна. Тој посочи дека нема да се случува како во минатото да влегува небезбедни прехранбени производи.

„Ќе ја вратиме довербата кај граѓаните. Овие институции ќе работат во рамките на своите надлежности. Никој не треба да биде загрижен“, истакна Трипуновски.

Министерот посочи дека ќе се контролира што влегува во државата и каква храна јадат граѓаните.

„Во овој сегмент ќе правиме и регулација за да си го заштитиме и нашето домашно производство. Нема да забраниме увоз на земјоделски производи меѓутоа ќе контролираме дали и со каков квалитет влегуваат во нашата држава“, појасни тој.