Ќе создадеме услови граѓаните да не почувствуваат голем раст на цената на струјата, ветува директорот на ЕСМ, Ковачевски

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски соопшти дека се прават пресметките за цената на електричната енергија што компанијата ќе ја продава на ЕВН Хоум од 1 јули до 31 декември годинава. Се анализираат и можностите за намалување на трошоците на компанијата за дополнителни 15 проценти и за зголемување на производството за дополнителни 20 проценти.

-Ние ќе успееме да постигнеме значително пониски цени за да можеме на крајот да овозможиме ЕВН Хоум кај регулаторот да побара, односно да добие цена која ќе значи благо покачување на цената за граѓаните. Како компанија повторно, уште еднаш ќе покажеме општествена одговорност за граѓаните да не почувствуваат значително покачување на цената на електричната енергија, истакна генералниот директор на АД ЕСМ, одговарајќи на новинарско прашање по еко акција во АД ЕСМ.

Според него, управните тела на АД ЕСМ деновиве интензивно комуницираат со сите производствени капацитети на компанијата и се консултираат со Владата пред да биде испратена понудата за цената на струјата до ЕВН Хоум. Се вложуваат максимални напори да се обезбедат дополнителни количества струја и покрај некоректниот и неморалниот чин на дел од општините и на малите компании да преминат на регулираниот пазар на електрична енергија кој е наменет за домаќинствата, односно граѓаните.

-Ве уверувам дека АД ЕСМ ќе биде подготвена во второто полугодие на годината да ги произведе потребните количини на електрична енергија не само за ЕВН Хоум, туку и за ЕВН Електродистрибуција, за МЕПСО, па и за дел од институциите во државата кои во овој период силно го трпат ударот на високите цени на отворениот пазар за да може да го ублажиме ударот кај некои од инистерствата, особено Министреството за труд и социјална политика во чии ингеренции се градинките или МОН за училиштата, изјави Ковачевски.