Агенцијата за млади и спорт го призна електронскиот спорт (Е-спорт) за официјален спорт во државата. Директорот на АМС, Наумче Мојсоски, денеска, му врачи „Решение за дејност спорт“ на претседателот на Македонската Е-спорт Федерација (МЕСФ) и генерален секретар на Меѓународната Е-спорт федерација, Бобан Тотовски, информираа од МЕСФ.
– Навистина ми е голема чест и задоволство што денеска и официјално Е-спорт федерацијата станува дел од македонскиот спорт. Навистина ми е драго што сме согласни за сите услови и предизвици кои ги носат новите времиња. Сакам да истакнам дека сите спортови во нашата земја имаат и во иднина ќе имаат силна поддршка од Агенцијата за млади и спорт. Се обврзавме да бидеме тука за сите спортови така и ќе продолжиме. Ви честитам на успесите кои до сега ги постигнавте, и ви посакувам поголеми успеси во иднина. Го препознавме вашиот талент и силна желба за големи успеси, ви посакувам како млади луѓе да продолжите со истиот ентузијазам и понатака. Заеднички да ги споделуваме сите ваши достигнувања. Ви честитам – истакна Мојсоски.
За претседателот на МЕСФ, Тотовски, овој чин претставува потврда дека нашата држава ги следи светските движења.
– Кога во 2005 година почнавме со мисијата за официјализација на Е-спортот, искрено, не се надевавме дека ќе требаат 17 години. Во ниту еден момент не изгубивме надеж и мотивација да ја постигнеме целта, а тоа е да го официјализираме Е-спортот како спорт – вели Тотовски.
– Во изминатиот период работевме на имплементација на спортските стандарди во согласност со Законот за спорт, како и адаптација на врантрешната структура и интерно-организационите процеси – вели Тотовски.
МЕСФ е 66-та официјално призната Е-спорт федерација глобално, имајќи предвид дека истовремено е и една од 10-те прво формирани Е-спорт федерации во светот.
Е-спортот или електронскиот спорт претставува компетитивно играње видео игри, каде што играчите со употреба на своите ментални и физички способности се натпреваруваат во виртуелна околина.