Ќе запрат ли патничките и товарните возови поради огромен долг за струја?

На МЖ Транспорт му се заканува мрак поради долг од 6 милиони евра за неплатена струја. Ова претпријатие се снабдува во краен случај од ЕВН Хоум веќе две години, иако законската можност за снабдување во краен случај е максимум 3 месеци, по што мора да избере снабдувач на отворен пазар.

Според информации на Нетпрес, освен исклучување, ЕВН веќе нема обрска ниту да набавува струја за МЖ Транспорт, по што може да се случи ова државно претпријатие без избран снабдувач, да си користи од енергијата во системот, како што тоа го злоупотребуваа одредени трговци на струја минатата година.

Тоа, пак, ќе значи санкции за МЕПСО и МЖ Транспорт поради креирање дисбаланс во системот.

Од ЕВН ХОУМ ги известиле операторите МЕПСО и Електродистрибуција да планираат прекин на снабдувањето откако ќе се исцрпат механизмите за обезбедување гаранција за плаќање. Државниот железнички транспорт сѐ уште нема доставено банкарска гаранција, чиј рок за достава истекува деновиве, по што ќе следи исклучување согласно правилата за снабдување.  

Од МЖ Транспорт, пак, изјавуваат дека пари за долгот немаат. Претпријатието е загубар и се наоѓа во тешка финансиска состојба. Се надеваат дека Владата ќе најде решение за да им се помогне. Инаку ова државно претпријатие има вкупно 800 вработени, од кои 80% се административци.

Листата на државни должници за струја е долга. Само кон ЕВН износот достигна и до 40 милиони евра, а дополнителни долгови се создаваат и кон другите снабдувачи со струја. Ова претставува сериозна закана за енергетскиот сектор во услови на енергетска криза.