Ќе заседава Комисијата за заразни болести, се очекуваат детали околу забраната за невакцинирани деца во градинките

Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи седница во 12 часот, а според она што вчера го најави министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири ќе биде појасно дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер, важи за оние кои не се вакцинирани или и за оние кои не ја примиле ревакцината.

Од понеделникот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) почна со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се имунизирани со вакцината ДТП откако Министерството за здравство ги прифати препораките од последната седница на Комисијата за заразни болести.

Директорката на ДСЗИ Рената Младеновска во понеделникот информираше дека скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, а во внатрешноста над 95 отсто се вакцинирани.

Фактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно е поразувачки, оцени Младеновска. ДСЗИ, како што рече, ги контролира и приватните градинки.

За нискиот опфат на вакцинација против голема кашлица се дискутирало и вчера на средбата меѓу министерот за здравство Илир Демири и претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани.

– УНИЦЕФ ја изрази својата подготвеност да продолжи со поддршка за зајакнување на здравствениот систем и спроведување комуникациски активности, за да се врати довербата во здравствениот систем и вакцините.

Во тој контекст, значајно е и воведување систем за управување со дезинформации и погрешни информации во врска со вакцините и процесот на вакцинација во Министерството за здравство, информираа од Министерството за здравство преку соопштение.

Сања Цилевска Младеновска, доктор педијатар во вакциналниот пункт „Букурешт“ за МИА изјави дека бројот на посети од понеделникот е тројно зголемен.

Како што појасни таа, 2/3 од посетите се деца со пропуштена ревакцина ДиТеПер. – На дневно ниво во двете смени се аплицираат околу 120 вакцини.

Дополнително сме оптеретени и со административна работа околу издавањето потврди за градинка, кои според решенијата од ДСЗИ бараат сите деца постари од 20 месеци да имаат примено четири дози ДиТеПер вакцина.

Тоа е дополнителен проблем за родителите на децата кои сега првпат почнуваат да се вакцинираат со оглед на тоа дека најкраткото растојание од првата до четвртата доза е девет месеци, појасни Цилевска-Младеновска.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 1 до 7 март пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица.

Најголем дел од случаите се во Скопје – 43, а пријавени се и три случаи во Тетово и по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола. Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани.

Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години.

– Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, со инциденца од 9,4/100 000 жители.

По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 151 или 87,3 отсто во дванаесет различни општини, појаснуваат од ИЈЗ. бд/бак/Фото: МИА архива .