Министерството за локална самоуправа ќе применува позитивни практики од Словенија согласно законските надлежности, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински по промоцијата на набавената противпожарна опрема во Куманово.
Тој ја оцени дека неговата неодамнешна посета на Словенија како исклучително важна за носењето мерки за справување со аерозагадувањето.
– Навистина беше многу полезна посетата, не само во делот на аерозагадувањето, туку на целокупниот менаџмент на управување со отпад. Сите лекции коишто ги научивме таму, сега веќе ги работиме и сакаме да ги имплементираме во рамките на нашиот ресор, во рамки на нашите законски надлежности. Но на ниво на Влада, планираме да продуцираме и мерки коишто ќе треба да го превенираат аерозагадувањето, особено во зимските месеци коишто нè очекуваат. Свесни сме дека повеќе од 60 проценти од загадувањето произлегува од домаќинствата и затоа мора да делуваме во таа насока, затоа што овој проблем којшто нè тишти повеќе од десет години, еднаш засекогаш мора да го решиме – изјави министерот Перински.
Тој додаде дека сè уште трае процесот на евалуација на пристигнатите документи од општините за владиниот повик за поддршка и дека наскоро ќе има информации. Рокот за докомплетирање на потребната документација беше продолжен на владина седница и заврши до 15 ноември.
– Од она што сум информиран преку шесте ресорни министерства, околу десетина општини ја докомплетирале документацијата. Дозволете, дајте ни уште ден-два, затоа што сè уште се прави евалуација на допристигнатите документи и ќе излеземе со конкретен став – рече Перински.
Дополнителна можност за општините се донесените измени на законот за уредување на градежно земјиште со кои е надминат проблемот за ослободување од комуналии за изградба на објекти од јавен интерес, градинки, училишта…
– Ова е одлична можност и оние коишто не стасаа да ја достават комплетната документација во рамки на ресорните министерства согласно измените на законот за уредување на градежно земјиште што ги направивме за да избегнеме проблемот на ослободување на комуналии за објекти од јавен интерес, сега таа бариера е надмината. Законот го изменивме и врз основа на тоа им се даде повеќе шанса да можат да ја докомплетираат својата техничка документација – рече министерот за локална самоуправа.