ЕБОР и ЕУ со кредит од 2,5 милиони евра за малите и средните компании

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри нов кредит од 2,5 милиони евра за Комерцијална банка кој е наменет за кредитирање на  малите и средните компании со цел да се поттикне нивната конкуретност.

– Покрај кредитирањето, малите и средните претпријатија ќе имаат бенефит од персонализираната техничката помош и од поддршката на ресурсите од услугите да-се-знае-како, се во насока на поддршка и имплементација на проектите, како и од доделувањето грант до 15 проценти од вредноста на вкупната сума на кредитот, по успешно завршување на проектот. Техничката помош и грантовите се финансирани преку ЕУ Програмата за Западен Балкан за развој и иновација на претпријатијата (European Union Western Balkan Enterprise Development and Innovation Facility – WB EDIF) – информираа денеска од ЕБОР.

Оваа програма им нуди на локалните МСП поддршка во достигнување на ЕУ стандардите во три клучни области: заштита на човековата околина, здравство и безбедност, и квалитет на производот.

– Новото финансирање значително ќе го олесни пристапот до многу потребното финансирање на малите бизниси, кои се клуч за економско заздравување во овие времиња на предизвици, правејќи ги бизнисите поконкурентни и отпорни, овозможувајќи им подобро интегрирање во регионалните и европските ланци на вредности – вели Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР во земјава.

Евроамбасадорот Дејвид Гир најавува дека ЕУ ќе продолжи да обезбедува поддршка за малите и средните претпријатија преку Програмата за Западен Балкан за развој и иновација на претпријатијата, со цел да им помогне во забрзувањето на економското обновување, подготовката за зелена и дигитална транзиција и целосното учествона единствениот пазар на ЕУ по пристапување во него. 

Од Комерцијална банка посочуваат дека секторот на малите и средните претпријатија е многу важен  за економијата во земјава и сметаат дека овој кредит ќе им пружи поддршка да воведат нови технологии и да креираат нови работни места.

Во 2018 година, на Комерцијална банка и беше одобрен кредит од пет милиони евра од ЕБОР програмата за Западен Балкан за поддршка на конкуретноста на малите и средните претпријатија. Програмата е поддржана со средства од Европската унија. ЕБОР досега има инвестирано над две милијарди евра во над 140 проекти во земјата.