ЕЦБ ја продолжи можноста за користење на репо-линијата од 400 милиони евра до 2024 година

Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука со која се продолжува можноста за Народната банка за користење на репо-линијата до 15 јануари 2024 година, со што на нашата централна банка ѝ се става на располагање девизна ликвидност од 400 милиони евра за уште речиси една година. Репо-линијата е само уште еден заштитен слој, имајќи го предвид високото ниво на девизни резерви и високата ликвидност на банките, коишто ја гарантираат стабилноста на денарот и макрофинансиската стабилност. Пристапот за користење на овој инструмент претставува и значајна поддршка за политиките спроведувани од страна на нашата централна банка.
Народната банка доби можност да ja користи репо-линијата во 2020 година, на почетокот на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, кога ЕЦБ им дозволи пристап до овој инструмент на централни банки надвор од еврозоната, со цел да се ублажат негативните ефекти од пандемијата предизвикана од корона-вирусот. Народната банка беше предводник и иницијатор меѓу централните банки од регионот за обезбедување пристап до дополнителни средства, за зајакнување на заштитните механизми, и покрај стабилното ниво на девизните резерви и солидната ликвидност на банките. Во изминатиот период, и покрај кризата, не беа користени средства од репо-линијата.
Имајќи ги предвид подолготрајната неизвесност којашто произлегува од тековната војна во Украина и поврзаните економски и финансиски последици за светската економија и финансиските пазари, ова е третпат Европската централна банка да ја продолжи репо-линијата.
Народната банка ѝ изрази благодарност на ЕЦБ за продолжувањето на пристапот до репо-линијата.