Европската централна банка (ECB) во четвртокот ги намали каматните стапки во еврозоната за четвртина процентен поен, наведувајќи дека се создадени „соодветни услови“ за олабавување на монетарната политика, со оглед на ублажувањето на инфлацијата последните месеци.
Од 12 јуни каматната стапка за рефинансирање на банките ќе изнесува 4,25 отсто, а на прекуноќните депозитите на банките за 3,75 отсто. Комерцијалните банки во иднина ќе плаќаат каматна стапка од 4,5 отсто за прекуноќните кредитни позајмици, се вели во соопштението на ECB.
Од јули 2022 до септември 2023 година, банката ги зголеми каматните стапки за 4,5 процентни поени, а потоа „закочи“, во услови на ослабена економска активност, послабо кредитирање и поблаг раст на цените.
Управниот совет заклучи, врз основа на ажурираните прогнози за инфлацијата, дека се создадени „соодветни услови“ за поблаги ограничувања на монетарната политика, се додава.
Од септември минатата година, стапката на инфлација е намалена за повеќе од 2,5 процентни поени, со значително подобрени изгледи, истакнува централната монетарна институција на еврозоната.
Значајна улога во ублажувањето на инфлацијата имаlo ограничувањето на побарувачката и воспоставувањето контрола врз очекувањата за раст на цените, нагласуваат од банката.
Во мај инфлацијата благо забрзака, првпат од крајот на минатата година, на 2,6 отсто, пресмета Европскиот завод за статистика, што одразува посилно зголемување на цената на услугите и храната.
Во новиот извештај, ECB ја зголеми проценката на инфлацијата за оваа година, од 2,3 на 2,5 отсто. И во следната година цените би требало да пораснат нешто посилно отколку што се очекуваше досега, за 2,2 отсто. Претходните пресметки покажаа поскапување од 2 отсто. Во 2026 година треба да изнесува 1,9 отсто.
Исто така, зголемени се и прогнозите за базичната инфлација за оваа и за следната година. Кога ќе се исклучат енергијата и храната, базичната стапка на инфлација годинава треба да биде 2,8 отсто, што е за 0,2 процентни поени повеќе отколку што предвидуваа во ECB во март. Проценката за следната година е зголемена за 0,1 процентен поен, на 2,2 отсто. Во 2026 година би требало да се лизне на 2 отсто, според најновите проекции.
И покрај напредокот во изминатите квартали, ценовните притисоци на домашниот пазар сè уште се силни поради поизразениот раст на платите, па инфлацијата веројатно ќе биде повисока од целта од два отсто во дел од следната година, посочуваат од ECB во соопштението од денешната седница. Платите се зголемија за 4,7 отсто во првиот квартал, нешто посилно отколку на крајот на 2023 година, пресметаа претходно минатата седмица.
„Се очекува (инфлацијата) да падне кон нашето целно ниво во втората половина од следната година поради поблагиот раст на трошоците за работна сила, континуираното влијание на нашата рестриктивна монетарна политика и постепеното слабеење на последиците од енергетската криза и пандемијата“.
Според нивната нова проценка, економијата на еврозоната треба да порасне за 0,9 отсто оваа година, што е за 0,3 процентни поени посилно отколку што очекуваа досега. Во наредната година растот треба малку да забрза, на 1,4 отсто, оценуваат тие, намалувајќи ја претходната проценка за 0,1 процентен поен. Проценката за растот во 2026 година беше потврдена на 1,6 отсто.
Административниот совет повтори дека ќе продолжи внимателно да ги следи податоците и да го утврдува „соодветното“ ниво на каматните стапки од „седница до седница“. Банката нема однапред да се обврзе на одредена насока на монетарната политика, повторија тие.
Тие, исто така, нагласуваат дека строго ќе обезбедат инфлацијата на среднорочна перспектива да се спушти до целта од два проценти „во соодветен временски период“, додавајќи дека ќе ги задржат каматните стапки „на соодветно рестриктивно ниво“ се додека таа е неопходно за да се постигне оваа цел.
Инфлацијата би можела да ги надмине тековните прогнози на ECB доколку платите или профитот на компаниите пораснат посилно од моментално проценетите, забележуваат тие. Меѓу ризиците, тие ги издвојуваат засилените геополитички тензии и екстремните временски настани кои би можеле повторно да ги поттикнат цените на енергијата и храната.