Еден Македонец во декември заработил просечна нето плата од 21.500 денари, додека во истиот период 1,8 отсто од вработените не примиле плата, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во истиот овој период, исплатена бруто-плата по вработен изнесува 31.498 денари.
Зголемувањето од 0,1 отсто на просечната нето плата во земјава се должи, пред сé, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Рударство и вадење на камен и тоа за 10,2 отсто, Транспорт и складирање за 7,9 отсто и Други услужни дејности за 5,8 отсто.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Стручни, научни и технички дејности за 11,1 отсто, Рударство и вадење на камен за 10,8 отсто и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 8,9 отсто.