Еден просечен богат Германец располага со најмалку 800.000 евра

Во Германија, во споредба со другите земји од Европската унија, богатството е нерамномерно распоредено, покажала студијата на Институтот за економски истражувања, според која најбогатиот дел од населението располага со имот од најмалку 800.000 евра по лице, а една петтина од полнолетните Германци немаат буквално ништо.

Авторите на студијата, направена за фондацијата Ханс- Беклер, близок до германските синдикати, го користат таканаречениот „Гини- коефициент“ за пресметка на нерамномерната поделба на имотот во едно општество, според кое оценката еден значи дека нерамномерноста е максимална, а нула доколку е минимална.

Германија во 2012-та година имала оценка 0,78 и се искачила на првото место, а зад нејзе е Франција со 0,68, Италија со 0,61, а Словачка 0,45, пренесуваат германските медиуми, наведувајќи дека глобално гледано пред Германија е САД со 0,87.