Еден убиен и четворица ранети во пукање во париски локал

Едно лице е убиено а уште четири други се ранети во пукање во понеделникот ноќта во локала во 11-от арондисман на француската престолнина Париз, пренесуваат медиумите повикувајќи се на полициски извори, и додаваат дека за нападот е осомничен малолетник.

Според очевидци и полициски извори, инцидентот се случил по 21,35 часот по локално време, а истрелите биле упатени кон гости кои седеле на тераса на локалот „La petite échappée“, еден од популарните ткн „наргиле бар“, пренесува дневниот весник Le Parisien.

Очевидци рекле дека двајца мажи излегле од автомобил, едниот вооружен со пиштол со калибар 9 милиметри а другиот со автоматска пушка „калашников“, којашто е најдена на местото на нападот, и пукале кон двајца мажи кои седеле на терасата. Според извор близок на истрагата, во оваа фаза од истрагата првично се разгледува верзијата дека станува збор за нерасчистени сметки.

Еден од двајцата осомничени успеал да побегне. Според градоначалникот на 11-от арондисман, Франсоа Волген, кој објави а Twitter „гостите во локалот совладале еден од двајцата напаѓачи“. Го осуди „варварскиот чин“ и додаде дека осомничен е малолетник од областа Сена-Сен Дени.

Братот на смртно застреланиот маж бил ранет во ногата, а другите повредени настрадале од рикошетирани куршуми.

Еден од очевидците рекол дека вечерал во својот дом во близина со семејството кога слушнал „голем тресок“ а од прозорецот виделе „темен автомобил кој со максимална брзина“ во улицата во која с наоѓа локалот.

„Тогаш слушнав рафал од калашников. Не сум стручњак за оружје, но истрелите беа исти како во текот на нападот врз Charlie Hebdo“, вели соговорникот на Le Parisien.

Имено токму на вчерашниот ден во 2015 година, Николас (очевидецот) го земал својот син од училиште кога ги слушнал истите истрели како во понеделникот ноќта во текот на крвавиот исламистички напад врз редакцијата на сатиричниот левичарски весник „Charlie Hebdo“, поради објавувањето карикатури на пророкот Мухамед што е навредливо според исламот. Додал дека во текот на сегашниот напад десетина деца си играле пред блиската гимназија.

Областа на нападот била блокирана до раните утрински часови, поради истрагата којашто ја водел вториот оддел на судската полиција, но ќе ја преземе веројатно париското обвинителство. Засега не се споменува евентуална терористичка заднина на нападот.