„Македоника литера“ го објави романот „Еден живот“ на италијанскиот писател Итало Звево (1861-1928), еден од најзначајните италијански писатели на 20 век, кој во своите романи дава потресна слика за декаденцијата, граѓанскиот човек и космополитскиот амбиент на родниот Трст.
Како што посочува издавачот, во неговото творештво, од една страна, доминираат позитивизмот, дарвинизмот и марксизмот, а од друга страна негативизмот на Шопенхауер, Ниче и Фројд. Ги зафаќа длабоките слоеви на свеста и настапува како фројдовски интерпретатор.
– Во „Еден живот“ е карактеристична психологијата на главниот лик, но и песимизмот кој е типичен за Звево. Карактеристично е и чувството на пораз и неуспех на индивидуата во нејзините двосмислени односи со општеството – многу корумпирано и без идеали, општество што го притиска и од кое и таа е дел: во кое истовремено е и жртва и угнетувач, предизвикан да се засолни, пред сѐ, во сонот отколку да се соочи со реалноста, соопшти „Македоника литера“ за објавениот роман кој од италијански го преведе Анета Симовска.
Итало Звево, чие вистинско име е Еторе (Хектор Арон) Шмиц, по смртта е признат како еден од најзначајните италијански писатели на модернизмот. По неуспехот со своите први два романа „Еден живот“ (1892) и „Доцна љубов“ (1898) се повлекол и ѝ се посветил на трговијата.
Во 1907 година се сретнал со ирскиот писател Џејмс Џојс и дружењето извршило големо меѓусебно влијание, а Звево се охрабрил повторно да му се врати на пишувањето. Една година по „Уликс“ на Џојс се појавува неговиот трет роман „Свеста на Ѕено“ (1923) кој му ја донел заслужената слава. Четвртиот роман не го довршил поради смртта во автомобилска несреќа. Пишувал и раскази и комедии.
Дури по Втората светска војна бил прифатен како класик на италијанската книжевност на 20 век. „Еден живот“ најпрвин бил одбиен од издавачот и објавен пет години подоцна (1892).