Единаесет убиени и 30 ранети во пукањето во Прага

Во пукањањето во факутлтето во центарот на Прага во четвртокот, најмалку единаесет лица загинаа, меѓу кои и напаѓачот, а повеќе од 30 се ранети, од кои некои потешко, објави прашката служба за итни случаи.

Чешката полиција нешто по 15 часот по локално време извести дека интервенирала поради пукање на Филозофскиот факултет на Карловиот Универзитет, на плоштадот Јан Палах.

Полицијата тогаш извести дека напаѓачот е „елиминиран“. Министерот за внатрешни работи Вит Ракушан изјави дека немало други напаѓачи и дека опасноста поминала.

На вработените на факултетот и на студентите им било кажано да останат во просториите во текот на полициската интервенција. Плоштадот и неговата околина се затворени.

Карловиот Универзитет се наоѓа во стариот дел на градот Прага, на околу 500 метри од историскиот Карлов мост.

„Засега можам да кажам дека единаесет лица загинаа на лице место, вклучувајќи го и напаѓачот“, изјави портпаролката на службата за итни случаи Јана Постова за чешката јавна телевизија, пренесува AFP.

Агенцијата AFP објави дека повеќе од 30 луѓе се повредени. Reuters, пак, јавува дека единаесет од нив се тешко ранети.

Чешкиот претседател Петр Павел објави на Х од Париз дека е „шокиран“ од пукањето и изрази жалење и сочувство до семејствата и роднините на жртвите.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку Х испрати порака со сочувство до Прага.