„За да докажеме и покажеме дали анкетите се точни, единствен начин е да одиме на избори“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, како ги коментира последните анкети на јавното мислење и обвинувањата од СДСМ дека тие се измислени.
Мицкоски го повика Димитар Ковачевски и СДСМ да се охрабрат и да седнат на маса за да договорат датум за предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе можат да одлучат.
„Нека се охрабрат и нека го охрабрат Ковачевски, да седнеме на маса и да договориме датум за предвремени парламентарни избори. Тоа е единствениот начин да видиме дали анкетите се лажни или не се лажни. Нема друг начин“, истакна тој и додаде дека, тогаш народот ќе си каже, дали тие се добрите и нас не чека пораз, или пак работата е сосема поинаква. „Само да не биде како после локалните избори да прават математики и гимнастики“, додаде Мицкоски.