ЕУ мора да ја зголеми својата воена сила и внатрешна соработка, но тоа не значи дека треба да тежнее кон единствена армија, изјави првиот дипломат на блокот, Жозеп Борел.
Во интервју на Си-Ен-Ен во понеделникот, шефот за надворешна политика на ЕУ поосчи дека постои „силен консензус“ меѓу членките на ЕУ за зајакнување на одбранбените капацитети на блокот, како во однос на нејзината воена индустрија така и за вооружените сили.
„Ова не е прашање за создавање единствена европска армија“, рече Борел, додавајќи дека сите 27 членки на ЕУ се слободни да одлучуваат за нивните одбранбени политики.
Наместо тоа, армиите на членките на ЕУ треба да бидат „поинтероперативни“ за да ја зајакнат одбраната на блокот, тврди дипломатот.
„Тие мора да создадат европски столб во НАТО. Европејците треба да преземат поголема одговорност за нашата одбрана“, изјави Борел, додавајќи дека тоа вклучува поттикнување блиско партнерство со САД во рамките на НАТО.
„Мораме да ги зголемиме нашите воени капацитети… Но, не треба да се верува дека ќе ги откажеме 27-те армии за да создадеме една. Она што треба да го направиме е да бидеме пореални“, рече Борел. Блокот добро ја знае суровата реалност на современиот свет и се подготвува соодветно, додаде тој.
Во јануари, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани јавно го поддржа создавањето на заедничка европска армија, идеја за која се дебатира веќе неколку години, тврдејќи дека силата може да се користи за мировни мисии и спречување конфликти.
Предлогот, сепак, наиде на отпор од неколку членки на ЕУ, вклучително и Данска и Полска. Копенхаген тврдеше дека „НАТО е камен-темелник на нашата колективна безбедност“ и дека одбраната останува прашање на националниот суверенитет. Варшава инсистираше на тоа дека акцијата на ЕУ за одбраната мора да биде комплементарна со напорите на НАТО.
Од почетокот на украинскиот конфликт, земјите-членки на ЕУ значително ги зголемија трошоците за одбрана, со планови да ги зголемат на 350 милијарди евра (380 милијарди долари) во 2024 година. Во последните недели, неколку западни лидери, исто така, го повикаа блокот да се подготви за целосна војна со Русија, за која тврдат дека може да избие во следните неколку години.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва нема никакви планови или интереси да ги напаѓа земјите на НАТО. Москва, сепак, со години изразува загриженост за проширувањето на воениот блок предводен од САД кон нејзините граници.