Една седмица по почетокот на невремето „Даниел“, делови од Грција сѐ уште под вода

Во река е претворен дел од автопатот Солун – Атина поради поплавите и останува затворен за сообраќај во двата правци кај Лариса, а една седмица по почетокот на невремето „Даниел“, областа Тесалија сѐ уште под вода, јави дописничката на МИА од Атина.

Процените се дека поплавите во Грција зад себе оставаат огромна материјална штета, со целосно уништени домови и плодно земјиште, но и голема опасност за јавното здравје.

Во поплавените домови во неколку села во општина Палама, поради нивото на водата влегоа припадници на нуркачката единица од грчката армија за спасување на евентуално заглавени жители.

Од Противпожарната служба на Грција утрово соопштија дека од почетокот на невремето минатиот вторник заклучно со денеска, примиле 10.874 повици, за испумпување вода и сечење дрва, а спровеле 4.564 спасување или пренесувања на лица на безбедни локации.

Во поплавите во Грција предизвикани од невремето „Даниел“, досега, животот го загубија 15 лица, а две лица, млад брачен пар од Австрија се исчезнати.