Едно лице загинало а уште 69 други се хоспитализирани по новиот земјотрес од понеделникот кој ја погоди турската провинција Малатија, потврди шефот на турската служба за вонредни ситуации AFAD, Јунус Сезер
„Во Малатија, како последица на земјотресот, во моментов познато е за еден загинат, а 69 граѓани се повредени и пренесени во болници. Добивме повеќе од 20 известувања за уривање на згради. Во моментов се спроведува активност за пребарување и спасување на локациите на пет урнати објекти“, изјави на брифинг за медиумите Сезер.
Во обновените извештаи од теренот, уништени се 29 зданија, пренесува телевизијата NTV. Според градоначалникот на градот Ешиљурт, Мехмет Чинар за телевизијата изјави дека се претпоставува дека под една од урнатите четирикатници утрово има затрупани луѓе и се прават напори за расчистување на остатоците.
Шефот на одделот за намалување на ризиците при AFAD, Орхан Татар изјави во понеделникот дека изминатите три седмици о првиот земјотрес регистрирани се повеќе од 10.200 последователни потреси, колку што вообичаено во цела Турција се регистрираат за половина година. Од оваа бројка 45 афтершокови имале магнитуда меѓу 5 и 6 по Рихтер.
Во понеделникот два нови земјотреси со јачина од 6,4 и 5,8 степени беа регистрирани во провинцијата Хатај.
Истовремено сириската новинска агенција SANA, повикувајќи се на државниот сеизмолошки центар, извести дека во покраината Алепо кон границата со Турција е регистриран уште еден земјотрес со магнитуда од 5,2. Според агенцијата потресот се случил набрзо по 12 часот по локално време, 10 часот по македонско време, со епицентар на 239 километри североисточно од градот Алепо.
Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени се случија на 6-ти февруари со интервал од 9 часа во провинцијата Кахраманмараш во југоисточна Турција. Потресите, проследени со стотици последователни потреси, беа почувствувани во 10 провинции на земјата и соседните земји, од кои најмногу настрада Сирија. Бројот на жртвите во Турција надмина 44 илјади, а над 13 милиони луѓе се погодени од стихијата.
Според сириското Министерство за здравство, 1.414 луѓе загинале во земјотресот, а 2.349 се повредени. Според Центарот за помирување на завојуваните страни во Сирија, бројот на загинати на териториите под контрола на владата изнесува 3.513, а уште 7.396 лица се повредени. Нема потврдени информации за загинати, повредени и разурнувања на територијата што не е контролирана од Дамаск, претставниците на бунтовничките формации кои дејствуваат во северозападниот дел на земјата во коментари за арапските медиуми објавија повеќе од 2.000 жртви.