Пешак загинал во една од вкупно 27 сообраќајки регистрирани во текот на викендот на подрачјето на СВР Скопје. Во четири сообраќајки биле полесно повредени шест лица, во 11 со полесни повреди се здобиле осум лица, а во 14 сообраќајки била причинета материјална штета.
Од МВР информираат дека викендов сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Педесет и осум возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, 10 возачи поминале на крстосница на црвено светло, тројца не дале првенство на минување на пешаци, 20 за неправилно престигнување и осум возачи кои не поседувале пропишана зимска опрема во возилата. Санкционирани биле и пет пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин.
Од сообраќај биле исклучени 12 возачи кои возиле под дејство на алкохол, 40 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило, 10 возачи почетници, три технички неисправни и 32 нерегистрирани возила. Затекнати биле 243 непрописно паркирани возила.
Со помош на специјалното возило „пајак“, отстранети биле 150 возила.
Одделението за превенција при СВР Скопје денеска во рамки на сообраќајно воспитниот проект „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ ќе реализира едукативни работилници со ученици од четврто одделение во ООУ „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба.