Едно лице загина, а уште три други се ранети во престрелка во трговски центар во градот Ел Пасо во американската сојузна држава Тексас во средата, соопшти полицијата.
Портпаролот на полицијата Роберт Гомез изјави дека еден осомничен е во притвор, но медиумите објавија дека и второ лице е приведено по пукањето во трговскиот центар „Cielo Vista“а во Тексас. Мотивот за пукањето сѐ уште не е познат.
„Беше хаотично. Луѓето бегаа, беа во страв. Како што кажав, пукаа во трговскиот центар. Тоа доведе до паника“, изјави Гомез.
Полицијата ја означи областа како активно место на злосторство и ја повика јавноста да го избегнува. Видеото емитувано на вестите на локалните телевизиски станици покажа паркинг полн со патролни автомобили.
„Единиците го расчистуваат трговскиот центар. Тие собираат сведоци. Трговскиот центар е доста голем, поради што потрагата ќе потрае извесно време”, рече Гомез, додавајќи дека нема информации за состојбата на повредените.
Трговскиот центар „Cielo Vista“ се наоѓа во близина на продавницата „Walmart“ каде вооружен маж уби 23 луѓе на 3-ти август 2019 година.
Пред една седмица Тексашанецот се изјасни за виновен за злосторство од омраза во договорот за признавање на вината за да избегне смртна казна. Но, тој сè уште се соочува со смртна казна во посебен судски случај