Ноќта кон саботата по полноќ на локалниот пат од село Злеово кон магистралниот пат Радовиш – Струмица, се случила сообраќајна незгода, во којашто животот го загуби момче, а неговиот пријател на скопските клиники се наоѓа во критична состојба.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, патничко возило „рено еспејс“ со струмички регистерски ознаки управувано од 29-годишниот П.П. излетало од патот при што на самото место починал сопатникот 23-годишниот Т.В., а со тешки телесни повреди се здобил 19-годишниот Д.С. и двајцата од селото Владевци. Повреденото момче по укажаната лекарска помош во Медицинскиот Центар-Струмица бил пренесен во Ургентниот Центар-Скопје.
Возачот П.П., исто така од Владевци, по незгодата го напуштил местото на настанот.
Увид извршиле Јавен Обвинител и увидна екипа од ПС-Радовиш.
По наредба на Јавен Обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот на возилото како и целосно расчистување на случајот.