Едногласно одобрена итната помош од Скопје за Грција

Советот на Град Скопје на втората вонредна седница едногласно ја донесе Одлуката за давање на парична помош на настраданите во катастрофалните пожари во Република Грција.

Со оваа одлука, како израз на солидарност спрема настраданите во катастрофалните пожари во Република Грција, Градот Скопје додели помош во износ од 2 милиони денари, поточно парична помош во износ од милион  денари и непарична помош, исто така, во износ од милион денари.

 Денеска е тажен ден за нашиот град. Денеска одбележуваме точно 55 години од катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје во 1963 година, и се совпадна на овој ден кога ние треба да возвратиме на хуманоста која нашиот град ја доби од целокупната меѓународна заедница. Според последните податоци коишто се достапни во овој момент, загинати се 81 лице, а нанесена е огромна материјална штета – кажа градоначалникот Шилегов.

Скопје стана град на солидарност и хуманост по катастрофалниот земјотрес во кој загинаа над илјада луѓе. Веднаш по катастрофата, целиот свет застана зад Скопје. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји собираа  и донираа помош за Скопје.