Еду се повлече од директорската позиција во Арсенал

Прославениот поранешен бразилски репрезентативец Еду поднесе оставка од функцијата спортски директор на Арсенал, соопшти лондонскиот клуб. Поранешниот играч од средниот ред на Арсенал им се приклучи на „топчиите“ во 2019 година како технички директор и беше промовиран во спортски директор три години подоцна.

Еду беше клучен за назначувањето на тренерот Микел Артета во 2019 година, како и пи потпишувањето на договорите со засилувањата како капитенот Мартин Одегард, Габриел Жесус, Каи Хаверц и Деклан Рајс.

„Ова беше неверојатно тешка одлука. Арсенал ми даде можност да работам со толку многу неверојатни луѓе и можност да бидам дел од нешто толку посебно во историјата на клубот“, изјави 46-годишниот Еду.

„Сега е време за поинаков предизвик. Арсенал секогаш ќе остане во моето срце. На клубот и неговите навивачи им посакувам само добри работи и се најдобро“, додаде Бразилецот.

Арсенал не ја наведе причината за заминувањето на Еду, но британските медиуми го поврзуваа Бразилецот со сопственикот на Нотингем Форест, Евангелос Маринакис, кој е сопственик и на Олимпијакос во Грција и Рио Аве во Португалија.

„Ја почитуваме одлуката на Еду и му благодариме за неговиот огромен придонес и посветеност во водењето на клубот“, додаде потпретседателот на Арсенал, Џош Кроенке.

Арсенал заврши како вицешампион во Премиер лигата зад Манчестер Сити во последните две сезони. Моментално се петти со 18 бодови, седум помалку од водечкиот Ливерпул.