Едукација за толеранција во образованието

Преку реализацијата на наставните предмети односно наставните содржини целта е учениците да се едуцираат за толеранција и со дадените вредности (соработничко ненасилно општество, човекови права-достоинство, мир) да стекнат способности да се соочат на конструктивен начин со разликите меѓу луѓето, политичките противречности и општествени конфликти кои се сеопфатни и содржат повеќе предмети и способности кои се поврзани со вредноста и достоинството кои се произлезени од толеранцијата.

Општествена потреба е да се едуцира граѓанството во една држава за едукација на толеранција во сеопфатното живеење, развивање, подготвување и учество во развојните политички, економски, социјални, еколошки, културни, образовни процеси. Во овие рамки неминовна е потребата од негување, применување на толеранцијата во нашето општествено македонско мултикултурно, верско и образовно делување и живеење.

Почетната основа и потреба за таквото едуцирање на македонското граѓанство е првиот законски акт – Уставот на Република Македонија од кој произлегуваат другите законски акти кои ги регулираат граѓанските права, обврски и третираат прашања од праксата, заштитата и еднаквоста на сите граѓани во заедничкото наше живеење и унапредување.

Во овој дел и децата ги имаат своите права и обврски преточени преку националните закони кои третираат прашања за растот, развојот, грижата, заштитата, здравјето, екологијата, културата, образованието и сл. А, тие права за децата се содржани и во Декларацијата за правата на децата донесени во ООН на 20 ноември 1959 година, која Декларација поаѓа од непосредната вистина „човештвото му го должи на детето најдоброто што го поседуваат за да има среќно детство и да може да живее за сопствено добро и за доброто на општеството“, како и во Конвенцијата за правото на детето, усвоена во ООН од 20 ноември 1989 година. Република Македонија е потписник на овој меѓународен документ и е задолжена да го почитува и практикува.

Што е толеранција?

Толеранцијата е опишана како став или како општествена состојба. Ниту едната од дефинициите не може да се употреби без другата. Толеранцијата како општествена состојба зависи од толеранцијата како став кој е широко застапен во општеството. Ако толеранцијата е баран и ценет услов во општеството ставот ќе биде подеднакво ценет и ќе се смета за општествено пожелен квалитет.

Толерантен (лат. tolerans) значи попустлив, трпелив према други мислења иако човекот со него не се сложува по разни прашања. Или тоа е неизбежен составен дел на почитувањето на правата на човекот и постигнувањето мир. На наједноставен начин и основен начин кажано толерантноста значи и на другите да им се даде  право да видат дека нивната личност и идентитет се почитувани.

Толерантен (на арапски Tasamul) значи извинување, допуштање, благост, милост, милосрдност, трпеливост… да се прифати другиот и да му се прости.

Толерантен (на кинески Kuan rong) значи да се дозволи, допушти да се биде добротворен кон другите. Спред тоа основна цел на едукацијата за толеранција е да се препознае и да се почитува достоинството и интегритетот на сите човечки суштества. Оваа вредност е во центарот на сите меѓународни теории и норми кои се однесуваат за правата на човекот. Таа е основната мотивација за воспоставување мир, соживот, разбирање таа е заеднички антитеза на нетолерантноста.

Препознавање на нетолерантно поведение

Сведоци сме на разни немили настани кои се случуваат во некои наши училишта (основни-средни), гледаме, читаме, слушаме примери, како во ова или она училиште, учениците од оваа или онаа етничка заедница се степале, па едните одат на настава, другите од другата етничка  заедница бојкотираат, бараат да учат одвоено во посебни смени или едни одат на екскурзија во една држава други во друга. По етничка основа се изведуваат и заеднички воннаставни активности, односно како што се: литературни, математички, јазични, ликовни, музички, спортски и други активности. А, некои воннаставни активности во нашите училишта (основни-средни) спротивно на Законската регулатива и Конвенцијата за правото на детето, се злоупотребуваат децата за политички цели со развој и негување на нетолеранција, соживот и омраза.

На ваквите организирани активности во разни средини носители се директорите, наставниците, стручните служби во училиштата, родителите,учениците, па пошироко и општинските и државните институции, невладини и разни верски организации. Со вака „организирани“ активности секако ќе избие нетрпение, агресивност, нетолерантност и сл.

Затоа е потребно секој дел од заедницата да се вклучат во едукацијата на толерантноста, пред се’ возрасните, наставниците, родителите, верските организации, општинските и државните институции кои ќе придонесат за едукација за толерантност меѓу учениците во самата средина и пошироко и тоа преку образованието, културата, меѓуверското живеење со што ќе се запознаат со разликите, а со тоа и вредноста, почитта и достоинството кон другата личност, заедница и сл.

Училиштето-центар на едукација на толерантноста

Училиштето како воспитно-образовна институција ја игра важната улога во планирањето и програмирањето на едукацијата за практикување на толеранцијата, планирана преку наставните планови и програми, конкретно реализирање на Годишната програма за работа на училиштето, примена на целите и методите за настава, воннаставните активности, посебни наставни активности на класните часови, разни проекти и сл.

Носители на тие активности и истовремено кординатори се и треба да бидат самите наставници, како во основните исто така и во средните училишта. Реализацијата може да биде преку наставните предмети, односно наставните содржини како пример: од  „Домот во кој живееме“… „Детето во општествената средина“… „Основи на граѓанското општество“… „Да си подадеме рака“… Устав, закон, парламент, собрание, претседател на држава, влада, демократија.. .религија, народ и нација, национални права, право на живот, право на образование и сл. Со и преку вклучување на теми – за толерантни поведенија преку училишните активности, учење јазици за едукација и взаемно разбирање, книжевноста-запознавање со епохата на еден народ од други култури, дела од разни религии, современи писатели од друга култура…разни детски приказни, преку Историјата, запознавање со битките, хероите во едукација на толеранцијата со извлекување на граѓанска едукација, со примена на Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата за правата на детето, изучување и запознавање на уметностите на разните народни, традицинални култури, музички и други вредности. Секоја активност на реализација треба да ги пренесат поимите, вредностите и практичното делување која ќе делува на локално, државно и меѓународно ниво.

Кои се општите цели на учењето-толеранција

Како што наведов, преку реализацијата на наставните предмети односно наставните содржини целта е учениците да се едуцираат за толеранција и со дадените вредности (соработничко ненасилно општество, човекови права-достоинство, мир) да стекнат способности да се соочат на конструктивен начин со разликите меѓу луѓето, политичките противречности и општествени конфликти кои се сеопфатни и содржат повеќе предмети и способности кои се поврзани со вредноста и достоинството кои се произлезени од толеранцијата.

За сето ова да се реализира, директорите, стручните служби, наставниците се носители на тие активности и истовремено се одредуваат кординатори како во основните исто така и во средните училишта, вклучувајќи ги родителските одбори, локалната самоуправа, државните надлежни институции Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат и други институции кои третираат прашања од интерес за толеранција и едукација на општеството.

Затоа за надминување на нетолеранцијата која е присутна во нашето општеството! На потег се институциите!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес