МВР во соработка со Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Јавното претпријатие за Државни патишта продолжува да ја спроведува сообраќајно – едукативнагта акција „Летна кампања 2014 година“. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на наплатната рампа Петровец-Скопје подели едукативно-информативни флаери наменети за домашните возачи учесници во сообраќајот.
Од денеска на патарините во земјава ќе отпочнат да се делат 50 000 флаери со наслов „Кога тргнуваш на пат во лето.“ Истите се со цел да ги потсетат домашните возачи дека како учесници во сообраќајот се најодговорни да ги извршат сите потребни подготовки за безбедно да стигнат на планираната дестинација, да возат безбедно за да придонесат сите да се чувствуваме и бидеме побезбедни на патиштата низ земјава.
Во текот на првото полугодие од 2014 година, на патиштата во Македонија се случиле вкупно 1.716 сообраќајни незгоди со потешки последици додека пак само во месец јули оваа година во сообраќајни незгоди загинаа 19 лица, што е идентично со бројот на загинати во јули минатата година. Сo ова се потврдува фактот дека најголем број на загинати во сообраќајни незгоди има во летните месеци јули и август.