Саиф ал-Адел, Египќанец кој се крие во областите населени со малцински сунити во Иран, станал новиот челник на џихадистичката терористичка мрежа Ал Каеда по убиството на, исто така, Египќанецот Ајман ал-Завахири во јули 2022 година, објави во средата американскиот Стејт департмент.
„Нашата процена е во согласност со процената на Обединетите нации, дека нов дефакто водач станал Саиф ал-Адел кој има седиште во Иран“, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Во извештајот на Обединетите нации претставен во вторникот се наведува дека „ставот на повеќето држави членки“ е дека споменатиот ал-Адел моментално е водач на мрежата на Ал Каеда.
Шеесет идвегодишниот ал-Адел, наводно е поранешен офицер на египетските специјални сили и личност од „старата гарда“ на Ал Каеда. Тој наводно ги обучувал некои од грабнувачите кои учествуваа во нападите со авиони во САД од 11-ти септември 2001 година, според американски податоци.
Меѓутоа, Ал Каеда воопшто не издаде никакво соопштение во коешто ќе објави дека ал-Адел е прогласен за „емир“. Според западните разузнавачи, причина за тоа е наводната претпазливост кон талибанските власти во Авганистан кои сѐ уште не признаваат дека ал-Завахири минатата година е убиен во американски напад со дрон во куќа во Кабул.
Покрај тоа, во извештајот на ОН се наведува и дека сунитската групација Ал Каеда е претпазлива и поради тоа што ал-Адел престојува на територијата на мнозинскиот шиитски Иран, кој таквите организации како и Исламската држава ги смета за „отпадници од верата“ и ги има на својата листа терористички организации.
Иран и самиот е повремено цел на крвави напади од страна на сунитските милитанти, чии некои групи Муџахедините Халк или Народни џихадисти – ирански сунити се поддржувани од САД. Така оваа групација во ирачко-иранската војна од 1980-те се бореа на страна на страната на ирачкиот сунитски диктатор Садам Хусеин, по падот на сунитската власт во Багдад и доаѓањето на власт на шиитското мнозинство, со заложби на тогашната американска државна секретарка Хилари Клинтон беа дислоцирани од ирачка територија во други земји, главно во Албанија каде што ги има околу шест илјади.