Египет ќе помогне во евакуацијата на околу 7.000 странци преку преминот Рафа

Египет ќе помогне да се евакуираат „околу 7.000 странци и лица со двојно државјанство“ од Појасот Газа, соопшти денеска египетското Министерство за надворешни работи.

За време на состанокот со странски дипломати, заменик-министерот за надворешни работи Исмаил Хаират соопшти дека Египет се подготвува да „го олесни приемот и евакуацијата на странски државјани од Газа преку преминот Рафа“.

Тој рече дека се работи за околу 7.000 странски државјани, припадници на повеќе од 60 националности.

Од 7 октомври, Појасот Газа е цел на израелски напади како одговор на нападот без преседан на исламистичкото движење Хамас на израелска територија. Во израелските напади врз Појасот Газа, кои траат веќе 26 дена, убиени се 8.796 Палестинци. Министерството за здравство во Газа денеска соопшти дека меѓу загинатите има 3.648 деца и 2.290 жени. Повредени се 22.219 лица.